Европратениците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев, заедно со претседателот на фондација „Бугарска историја“ Милен Врабевски биле вратени од граничниот премин Ново Село и не им бил дозволен влез во Македонија, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.

За жал, не ни беше дозволено да одиме на традиционалното одбележување на Ѓурѓовден во Ново Село, Струмица. Повеќе од 10 години одам во Ново Село, Македонија, на нашите бугарски воени гробишта. Оваа година исто така тргнав, и на мое големо неверување и ужас не нѐ пропуштија со објаснување дека одлуката да не нѐ пуштат е нивна, но никој не ми објасни од која причина. Имаме указ според кој јас, Милен Врабевски и уште три лица бевме вратени од граничниот премин, изјави европратеникот Ковачев за БГНЕС.

Причината за нивното доаѓање во Македонија, според БГНЕС, е присуството на панихидата за починатите на Бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село, како и секоја година.

Ангел Џамбаски со години шири говор на омраза против македонскиот народ, држава и јазик, негирајќи ја нивната посебност и постоење, додека Врабевски го финансираше отворањето на бугарските културни клубови со контроверзни имиња во Македонија.

Од МВР повтрдуваат дека на петмина бугарски државјани не им бил дозволен влез во Македонија.

Денеска (06.05) околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република … Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија. Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата, и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата, соопштија од МВР.

Реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи, кое побара да престанеле провокациите од страна на Македонија кон Бугарија.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува големо разочарување од одлуката на властите во Република … Македонија да преземат дејствија, со кои го засенуваат свеченото одбележување на 6 мај, Ѓурѓовден, со тоа што не дозволија влез на своја територија на бугарски пратеник во Европскиот парламент и портпарол на Европската народна партија, д-р Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарска историја“ д-р Милен Врабеввски и уште тројца бугарски државјани, се вели во реакцијата на бугарското мнр.

За враќањето на бугарските државјани реагираше и европратеникот Илхан Ќучук, според кој било недозволиво и неприфатливо да не се дозволи влез на Ковачев Македонија