Потребно е многу повеќе да се направи за да може косовските безбедносни сили да се трансформираат во армија, изјави командантот на КФОР, италијанскиот генерал Салваторе Куочи.

Според него, каков и да биде тој долготраен процес, мора да биде прифатлив за сите страни вклучително и за малцинствата. Тој вели дека формирањето армија е „долга приказна“ нешто што не може да се оствари за еден ден или само со усвојување закони.

– Во секој случај, кога ќе биде донесена одлука за тоа, ќе бидат потребни најмалку 10 години за да се формира војска. Прашањето за војската не е само транзиција или трансформација. Тоа е прашање на опрема, обука, способност и капацитети, изјави Куочи за приштински медиуми.

Тој додаде дека за формирање армија потребна е поинаква обука, повеќе пари, оружје, што значи дека „буџетот треба да биде целосно поинаков“.

– Се работи за долгорочен процес. Дури и да се усвои нацрт законот, процесот ќе трае 10 години, нагласи Куочи.