Девојка од Скопје била нападната на синоќешната прослава што Владата ја организира во Градскиот парк и во 14 други градови во Македонија, по повод условената покана за пристапување во НАТО.

Како што е објавено во полицискиот билтен, вчера во 23:15 часот В.Џ.(26) од Скопје пријавила дека околу 21.10 часот во Градскиот парк во Скопје, додека траела прославата, девојката била физички нападната од непознато машко лице додека била со неколку нејзини пријатели, држејќи платно со порака пред бината.

Во полициското соопштение се вели дека се преземаат мерки за расчитување на случајот.

Синоќа на социјалните мрежи беше објавено дека членка на една од помалите партии била физички нападната на прославата во Скопје, затоа што истакнала поинакви ставови во врска со овој настан.

Беше објавено дека во близина на настанот имало полицаец на кого девојката му се обратила за помош, но откако полицаецот не сакал да го регистрира случајот, девојката потоа заедно со адвокат случајот го пријавила во полициска станица.