Премиерот Димитар Ковачевски не успеал да дознае по кој повод неговиот албански колега Еди Рама задутре ги свикал на средба лидерите на партиите на Албанците, кои се и негови колациони партнери со кои ја дели власта во Македонија.

Извори во албанскиот политички блок, како што објави Лидер, тврдат дека Ковачевски и високи функционери на СДСМ завчера и вчера се обиделе да дознаат што е темата на средбата на која Рама ги покани само албанските политички лидери, но не и Ковачевски кој води партија во која има Албанци и за која гласаат Албанци и од која има државни функционери Албанци.

Одговор немало ниту од министерот за надворешни работи Бујар Османи кој официјално комуницира со Тирана и владата на Рама.

Врвот на СДСМ не добил одговор што ќе се зборува во Тирана затоа што наводно и во ДУИ не знале точно што е на агендата на Рама во вторник.

Премиерот и лидер на СДСМ добил уверување дека во Тирана нема да се зборува за федерализација туку за правата на Албанците во Македонија и иднината на земјата.