Мета, матичната компанија на Фејсбук, вчера изгуби на вредноста за повеќе од 26 отсто бидејќи инвеститорите се разочарани од послабите од очекуваните деловни резултати и стагнацијата на бројот на корисници на оваа социјална мрежа. Тоа беше најлошиот ден на берзата за Фејсбук во неговата историја. Пазарната вредност на оваа компанија падна за 200 милијарди долари, што е најголема дневна загуба досега забележана на Волстрит.

Под притисок се и акциите на другите социјални мрежи, па цената на Твитер падна за повеќе од пет отсто, а на Снап за повеќе од 23 отсто. Не беа поштедени ниту другите технолошки гиганти. Акциите на Алфабет  и Мајкрософт паднаа за повеќе од три отсто, а на Амазон за речиси осум отсто.

Во последните години технолошкиот сектор силно нарасна благодарение на опкружувањето со ниски камати, но овој период се ближи кон својот крај бидејќи клучните каматни стапки на американската Централна банка се очекува да се зголемат во март.

И првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, имаше лош ден на берзата. Тој е убедливо најголемиот поединечен акционер во компанијата, а бидејќи цената на акциите вчера драстично опадна, вредноста на неговиот удел во компанијата опадна за повеќе од 30 милијарди долари.