Најмладата пациентка со рак на дојка на Одделот за онкологија во тетовската Клиничка болница е на возраст од 27 години, кај која болеста е дијагностицирана во тек на доење. Иако ризик група се жените над 40 години, праксата на лекарите покажува дека во поново време возрасната граница е помала. Жените доаѓаат во различни фази на болеста, но почесто во понапредна, вели онкологот д-р Весна Колевска.
„Почесто е во понапредна фаза, но сепак добро е што голем дел од тие пациентки се операбилни, во фаза кога може да ги третираме. Би било подобро да дојдат и во порана фаза затоа што не само третманот, самата комбинација, туку и ефектот од терапијата, пред се прогнозата е многу подобра кога имаме ран стадиум на болста. За среќа во поново време има различно можности за терапија, кои што може да ги комбинираме и кои што имаат подобар ефект отколку во минатото“ изјави д-р Весна Колевска, Оддел за онкологија при Клиничка болница Тетово.
Свеста кај жените за редовни прегледи сѐ уште не е на задоволително ниво, иако во тетовската болница ги има потребните апарати за дијагностика. Единствен начин да се спречат последиците и да се постигне целосно излекување е навременото откривање на болеста, вели субспецијалистот по дијагностика на дојка, д-р Арѓенд Имери.
„Жените не се свесни за фактот дека тие треба да имаат редовни периодични прегледи, без да имаат некој проблем, без да почувствуват некакви симптоми, бидејќи рак на дојка не дава симптоми во фазата во која може да се излечи. Клиничка болница Тетово, ги исполнува условите да има кабинет за преглед на дојка којшто го немаат многу центри во Македонија, имаме ултразвук, мамографија и може да направиме задоволителна дијагностика“ изјави д-р Арѓенд Имери, раководител на Оддел за радиодијагностика при Клиничка болница Тетово.
Во месец октомври се организираат разни активности со цел подигнување на свеста за рано откривање на ова малигно заболување, но лекарите потенцираат дека треба поголема информираност во текот на целата година. Треба да се инвестира и во создавање на кадри и да се прошири скринингот во повеќе центри во државата.