Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, синоќа бил нападнат и претепан во Скопје.

Како што е соопштено, во полицијата синоќа околу 23.35 часот Т.Т. пријавил дека во Скопје на пешачка патека во близина на болница, по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив.

Од МВР за МИА информираа дека се работи на расчистување на случајот.

Инаку, овој случај беше пречка утрово да почне судскиот процес „ТНТ“ за уривањето на дивоградбата „Космос“ на Фијат Цаноски, во кој третообвинетиот е Тони Трајковски, ексградоначалник на Гази Баба.

Трајковски денеска не дојде на закажаното рочиште, а според неговиот адвокат, тој се наоѓал во болница.

Судијата Огнен Ставрев го контактирал докторот, кој му рекол дека е во добра општа состојба и е на пат кон дома. Судијата рече дека доколку Трајковски не дојде за еден час ќе биде стражарно приведен.

Од Ургентниот центар во Скопје, најавија дека за кусо време официјално ќе соопштат за повредите со кои се здобил ексградоначалникот Трајковски.

Судијата Огнен Ставрев сака да го заврши процесот деновиве, бидејќи на две поротнички им истекува мандатот и судењето ќе треба да почне одново.

Во случајот „ТНТ“, првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби политички азил во Унгарија, потоа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и други обвинети од општината.