Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави дека ќе свика Совет за национална безбедност за да го подобри одговорот на нејзината Влада на зголемувањето на бројот на мигранти.
Мелони по состанокот на кабинетот изјави дека го активирала Меѓуресорскиот комитет за безбедност на Републиката (ЦИСР), со цел да се справи со ненадејното зголемување на нелегалните влегувања во земјата.
– Нашата цел е да се справиме со проблемот на прагматичен начин, со брзи и координирани одлуки, рече Мелони.
На островот Лампедуза во неделата пристигнаа повеќе од 4.200 мигранти, изјави началникот на локалната полиција Емануеле Рицифари. Тој рече дека и покрај „рекордните бројки“, властите ја контролираат ситуацијата.
Во Трст, во близина на границата со Словенија, градоначалникот Роберто Дипијака за весникот „Кориере дела сера“ истакна дека има „инвазија на мигранти“ без преседан.
– Уште од деведесеттите се занимавам со проблеми поврзани со мигранти, видов се, но не можев да замислам вакво нешто. Градот е во вонредна состојба, рече тој.
Италија регистрира околу 113.500 пристигнувања по море оваа година, во споредба со околу 55.800 во истиот период минатата година, соопшти Министерството за внатрешни работи во Рим. Статистиката покажа нагло зголемување изминатиот викенд, со околу 2.300 пристигнувања во петокот, повеќе од 3.000 во сабота и речиси 1.000 во недела.