Капсаицинот е клучна состојка на лутите пиперки, кој всушност им го дава тој вкус, и може да го забави ширењето на ракот на бели дробови, велат американските научници од Универзитетот Маршал во Западна Вирџинија.

Тие ги проучиле ефектите на капсаицинот на три типа клетки рак во лабораторија. Тимот на научници открил дека оваа состојка го запрела првиот чекор за ширењето на ракот, познат како метастаза.

Со тестовите направени врз глувци, кои се бореле со ширење на метастазите, утврдено е дека оние кои внесувале капсаицин имале помали подрачја со агресивни клетки на рак во белите дробови. Со понатамошни тестови е утврдено дека капсаицинот ги сузбил метастазите на ракот на бели дробови, блокираќи го протеинот кој игра клучна улога во растот на клетките.

„Ракот на бели дробови и другите форми на рак обично метастазираат на секундарни локации како што се мозокот, црниот дроб или коските, што го отежнува лекувањето“, вели Џејми Фридман, автор на студијата.

Тој открил и дека истражувањето укажува оти капсаицинот од лутите пипреки може да претставува нова терапија против метастазите кај пациентите заболени од рак на белите дробови. Фридман додава дека за клиничка употреба на капсаицинот потребно е да се надминат неговите непријатни придружни ефекти како што се гастроинтестинални иритации, гречеви во стомакот и чувство на печење или горење.

Во Британија годишно се регистрираат 46.400 случаи на рак на белите дробови и 35.500 случаи со смртни исходи. Во САД годишно се дијагностицираат околу 230.000 нови случаи од оваа болест, која убива околу 140.000 луѓе.

Повеќето од пациентите кои добиваат рак на белите дробови, кој е во рана фаза без симптоми, се пушачи или поранешни пушачи. Дури секој десетти пациент е жив пет години по дијагностицирање на болеста затоа што најечесто таа веќе се проширила на други органи.

Научниците велат дека капсаицинот го активира клеточниот рецептор TRPV1, кој контролира со кои супстанци растечките клетки на рак можат да се хранат. Борејќи се против овој рецептор, растот на клетките се претвора во самоуништувачки процес и како што се повеќе клетки на ракот изумираат така туморот престанува да расте. Други експерименти покажале дека семејството соединенија во кое спаѓа капсаицинот може да ги убие клетките на рак со напад на митохондриите, нивното главно упориште.