Амбасадорката на САД во Македонија вчера упати забелешки за нискиот процент на верба на граѓаните во македонското правосудство, додека во исто време министерот за правда Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и судии навиваа на фудбалски натпревар во Италија.

Во првите редови на стадионот Ренцо Барбера во Палермо на синоќешниот натпревор меѓу репрезентациите на Македонија и Италија беа Тупанчевски, Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев.

Амбасадорка Брнз вчера на конференција пред судиите кажа дека македонските граѓани немаат доверба во судството. Таа се повика на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството и за да се врати довербата потребно е граѓаните да видат дека системот функционира.

Таа додаде дека за да ја заслужи почитта од своите граѓани, судството мора да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот еднакво за сите.

– Враќањето на довербата на јавноста може да се постигне само ако сите судии прават повеќе од она што се очекува од нив кога ја дале заклетвата, вели Брнз.