Бугарија денеска испрати протестна нота до Франција во врска со изјавата на претседателот Емануел Макрон за францускиот неделник „Валеус актиел“ во која се споменуваат „бугарски илегални филијали“, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

„Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, побара од бугарскиот амбасадор во Франција, Ангела Чолаков, да испрати протестна нота до француското Министерство за надворешни работи“, рече министерскиот советник Иван Димов.

Во контекст на тензиите меѓу Париз и Софија за реформите во патниот сообраќај во Европа, францускиот амбасадор во Софија, Флоранс Робин ќе биде повикан во бугарското МНР в понеделник.

Бугарските медиуми опширно ја пренесоа изјавата на Макрон и францускиот претседател беше претставен како главен двигател на реформите поврзани со возачите. За таа реформа моментално се преговара во Брисел.

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов рече дека изјавата на Макрон е „скандалозна“.

– Ова е нов приказ на политичка ароганција. Јас категорично ги отфрлам сите обиди за дискредитација на нашата земја, како и кршење на правата на бугарските граѓани, рече Каракачанов.

Макрон изјави за францускиот неделник дека, што се однесува до миграциската политика, „тој претпочита легална, регистрирана и миграција со квоти за неколку години, наместо скриена работа на црно“.

„Претпочитам луѓето да доаѓат легално од Гвинеја или Брегот на Слоновата Коска кои работат на работни места (како што се градежните или угостителските сектори каде е потребна работна сила) отколку бугарските и украинските илегални филијали“, рече Макрон.

Неколку земји од Централна и Источна Европа се спротивставуваат на реформите во патниот сообраќај, чија цел е борба против нелегалните практики. Реформата предвидува воведување разни ограничувања за возачите кои превезуваат стока.

Бугарија, најсиромашна земја на ЕУ во која се приклучи во 2007 година, смета дека таа реформа е протекционистичка во секторот патен сообраќај, што е многу важен за нејзината економија.