И за Нобеловата награда важи народната: Не за кого е речено, туку за кого е печено. Годинашни добитници на Нобеловата награда за мир се Надија Мурад и Денис Муквеге, за нивната борба за сузбивање на сексуалните злодела во воените судири.

Годинава имаше дури 331 номинација (216 поединци и 115 организации), што преставува втор најголем број номинации во категоријата награди за мир откако истата се доделува.

Претходните денови медиумите како фаворити ги спомнуваа македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Виктор Нумерин, специјален уредник за Нобелова награда на шведската новинска агенција ТТ, дури тврдеше дека „многу членови на Комисијата сметаат дека е идеално наградата за мир да ја доделат на премиерите на двете држави“.

Веднаш по објавувањето на оваа вест се појавија бројни коментари, критики и прашања за што точно Заев и Ципрас би биле наградени, ако се има предвид дека договорот што го потпишаа не е имплементиран, и прашање е дали воопшто ќе биде спроведен по дебаклот на референдумот.

Колку и да звучи контрадикторно, коментира белградски Блиц, нема да беше изненадување Заев и Ципрас да беа наградени со Нобелова награда за мир и пред завршена работа, бидејќи во историјата на оваа награда имало многу контроверзни добитници.

Која е годинашната Нобеловка за мир?

Језидската активистка Надија Мурад и конгоанскиот гинеколог Денис Муквеге, ја освоија Нобеловата награда за мир, за борбата против сексуалносто насилство како оружје во војна. Надија е језидска активистка за човекови права која преживеала сексуално ропство од немилосрдните ИСИЛ-овци во Ирак, пишува Си-Ен-Ен.

По траумите доживеани во заробеништво и силувања од страна на ИСИЛ-овите милитанти во Мосул во 2014 година, храбрата Надија станала застапник на језидското малцинство во Ирак, бегалци и за женски права.

Тешкото и мачно искуство на Надија започнало во 2014 година кога ИСИЛ-овци влегле во нејзиното село во ирачки Курдистан и ги убиле нејзината мајка и шест од деветте браќа. Многу невенчани жени во селото милитантните ИСИЛ-овци ги заробиле и ги менувале меѓу себе.

– Готово 6.500 жени и деца Језиди биле грабнати, а околу 5.000 луѓе од језидската заедница биле убиени тој ден. Не раздвоија од нашите мајки, сестри и браќа, некои од нив се убиени, а други исчезнати, вели Надија во интервјуто за Си-Ен-Ен, присетувајќи се на настанот од 3 август 2014 година.

Надија во времето на овој брутален напад на екстремните исламисти била ученичка во средно училиште, родена е 1993 година, со надеж дека ќе стане учителка.

За среќа, успеала да побегне во Мосул, каде што едно муслиманско семејство и помогнало да набави лажна исламска лична карта, со која успеала да побегне од територијата на ИСИЛ-овци.

Језидите не можат да чекаат

Надија Мурад, која ги објавила мемоарите „Последна девојка“, добитиничка е на неколку престижни награди. Ја освоила наградата Вацлав Хавел за човекови права, Сахаровата награда, Наградата за мир на ОН во Шанија и други.

На 23 годишна возраст, во 2016 година, именувана е за амбасадор на добра волја на ОН, за достоинство на преживеаните во трговијата со луѓе, го повика американскиот Конгрес на поагресивна борба против терористите: „Даш нема да се откаже од своето оружје ако не ги присилиме да се откажат од тоа оружје… Језидите не можат да чекаат“.

Една година пред тоа се обрати до Советот за безбедност на ОН, при што опиша како преживеала групно силување, по нејзиниот неуспешен обид за бегство. Такво нешто според правилата на ИСИЛ било легално. Имено, бидејќи Језидите не смеат да практикуваат ислам, дозволено е врз основа на религијата, да се држат како робови.

– Ги продаваа девојките, малолетни девојчиња, бидејќи тоа ИСИЛ го сметаат за дозволено според исламскиот закон. Не дојдоа само да нападнат одредени луѓе, туку по сите Језиди, вели добитничката на Нобеловата награда за мир, Надија Мурад.

Ќерките на Муквеги беа киднапирани

И двајцата добитници на Нобеловата награда за мир изјавија дека признанието им го посветуваат на сите жени жртви на сексуално насилство.

– Насилството врз нивните тела не се случува само во нашата  земја, Демократска Република Конго, туку и во многу други држави – истакна Муквеге на прес-конференција во својата болница во градот Букаву.

Владата на ДР Конго му честиташе на Муквеги за наградата, но и го критикуваше бидејќи ја „политизирал“ работата со жртвите на сексуално насилство.

– Тој извршува тешка и благородна работа. Деноноќно лекува жртви на сексуално насилство, но Владата на ДР Конго никогаш не се согласувала со неговиот поглед на ситуацијата во земјата. Тој почна да ја политизира својата борба – истакна владиниот портпарол.

Во источниот дел на ДР Конго војуваат различни милитантни групи и жените се чести жртви. Муквеги е еден од малкуте лекари, кои изведуваат сложени хирушки операции врз жените жртви на групно сексуално насилство.

Тој во 2012 година преживеа обид за атентат во својот дом во Букаву, откако се обратил пред Обединети нации, критикувајќи ги вооружените групи, политичките раководства во ДР Конго и во Руанда и меѓународната заедница дека ништо не преземале против групното силување.

Ќерките на Муквеги беа киднапирани, автомобилот му е запален, а беше пукано и врз неговиот телохранител. Поради тоа Муквеге живее во егзил во Европа.