Прадедото на македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска бил убиен затоа што се борел за бугарштината против српските власти, објавува бугарскиот неделник „168 часа“.

Како што пишува „168 часа“, прадедото на Шекеринска, Александар Шеќеринов, починал откако добил 80 убодни рани, а поводот за неговото убиство било тоа што „тој со својата борба за бугарштината во Македонија ги испровоцирал српските власти да го убијат“.

Како што е објавено во статијата, настанот се случил на 9 мај 1928 година.

Во архивата која на неделникот ја дал европратеникот Александар Џамбаски, сопартиец на вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов се објавуваат детали за убиството на прадедото на Шеќеринска за кои досега во македонската јавност не се говорело.

Неделникот наведува дека Шеќеринов, кој живеел во селото Трол, заминал на пазар во Свети Николе од каде тргнал назад околу 19 часот вечерта, но никогаш не стигнал дома. Бил пронајден од селскиот кмет во близина на една чешма и поради големиот број рани не можел веднаш да биде препознаен .

За смртта на Шеќеринов не бил обвинет никој, но во барањето за бугарска пензија од бабата на Радмила Шеќеринска од бугарските окупаторски власти во 1943 година таа напишала дека се работи за „убиство од српските власти поради тоа што нејзиниот сопруг бил борец за бугарштината во Македонија“.

Извор: 168 часа