Недостигот на вода во Германија и во Европа како целина се влоши во изминатите месеци, според заедничко истражување на научници од Потсдам, американската вселенска агенција НАСА и Германскиот аеровселенски центар, јави ДПА.
Резултатите ги засилуваат загриженоста дека „резервите за вода нема да бидат обновени до крајот на годината, дури и ако на есен паднат повеќе врнежи од вообичаеното“, изјави портпаролот на Центарот за геолошки науки Хелмхолц во Потсдам.
Ситуацијата веројатно ќе биде уште посериозна бидејќи моментално достапните податоци, кои го опфаќаат периодот до јуни, не ги одразуваат топлотните бранови во Германија ова лето, соопшти центарот, кој објави дел од заклучоците од сателитските набљудувања спроведени заедно со своите партнери.
Ефектот од топлотните бранови што ја погодија Германија и другите европски земји ова лето ќе биде очигледен само во податоците за следните месеци, кои се очекуваат наесен.
Научниците ја следат вкупната количина на вода на површината на Земјата и под неа. Овие податоци ни овозможуваат да видиме како се менуваат резервите на вода, велат од Центарот за геолошки науки Хелмхолц.
„Од 2015 година, во Германија гледаме посуви услови отколку во претходните 15 години“, рече Анет Ајхер, раководител на Одделот за глобален геомониторинг и гравитациски полиња на центарот.
Иако невообичаено влажната 2024 година доведе до одредено закрепнување на водните резерви, веднаш потоа следеше уште еден остар пад, забележува институтот.




