Повторно во црвено се обоени календарите за мамографија за наредните два до три месеци, па во ниту една од државните болници низ Скопје во кои има таков апарат, нема слободни термини. Ова стои на веб-страницата „Мој термин“ каде секој може да ја провери достапноста за таков преглед. За разлика од Скопје, во внатрешноста има по некој термин во некој град, најкусо за пет до 7, а најмногу за 40-тина дена. Слична е состојбата и со прегледите за ехо на дојка, термини нема. Матичните лекари тврдат дека играат брзи прсти, а за итни случаи невозможна мисија е да се закаже преглед, па голем дел од пациентите одат на приватно.

Здравствените власти пак, со ветување – по нова година проблемот ќе се надминел, оти во 12 градови се инсталирала современа дијагностичка опрема, од мамографија, дигитални рентген апарати, до ангиографија и компјутерска томографија.

-Се случуваат дефекти и временски застои додека трае сервисирањето и се пореметува листата за опслужување на пациентите. Ова ќе биде решено по Нова година. Распределбата на опремата низ градовите ја правиме врз основа на достапниот кадар. Искуството со опремата која беше купена и држена по магацини нема да се повтори.- Министерство за здравство.

Во меѓувреме, од Министерството за здравство потсетуваат дека во моментот се спроведува скрининг програмата, па СМС порака за преглед добиваат жените од 45 до 69 години кои не направиле мамографија во последните две години, а оние од 40 до 44 годишна возраст, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг ризик фактор можат сами да се пријават на телефонот 0800-15444 секој ден од 13 до 15 часот.