Здравствениот систем треба да функционира и да нуди најбрза услуга, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски во болницата 8 Септември во Скопје.

– И јас сум имал болни од рак во моето блиско семејство и исто така сме поминале низ процес на чекања и снимања. Низ тие лични искуства ќе сфатите дека тие кои што се задолжени за управување со системот, треба да работат на унапредување на системот на негово забрзување на перфомансите, но научив и дека ние во државата имаме врвни доктори кои се на ниво на доктори од Австрија и САД, изјави Ковачевски.

Тој истакна дека имаме и опрема која е на врвно ниво кое што е на ниво на Германија и САД.

-Она што ни недостига е воспоставување на систем кој што ќе работи за граѓаните и пружање на услуги. Мојата визија е наша држава членка на ЕУ и која ќе овозможи живот на оваа генерација животен стандард на ниво на ЕУ и плати и побогати луѓе. Не тие услуги да ги бараме во туѓи држави и нашите млади да одат во други земји. Нема поголема потврда од тоа. Ако отидете во Чешка, Словачка, Полска кои беа дел од источниот блок до 90-та година и ако го видите напредокот со нивното зачленување во ЕУ, ќе видите дека друга алтернатива за нашата држава не постои, рече Ковачевски.

Тој ова го кажа како одговор на новинарско прашање на отворањето на новиот дијагностички центар опремен со апарати за магнетна резонанца во Градската општа болница 8-ми Септември.