Речиси сто илјади изводи издала Управата за водење на матични книги кои не биле заведени во евиденцијата и е направен кусок од близу еден милион денари, но и неколкукратно поголема штета претпрел државниот буџет, објави порталот МКД.

Државниот ревизор смета дека е нејасно дали станува збор за измама или за грешка во работењето, а одговорноста ја лоцира кај директорот Бујар Дардишта. Дали се работело за долгорочен план за поткревање на бројки на жители пред пописот на населението, за финансиска проневера или само за лошо работење, засега воздржаност кај надлежните и во Владата.

Државниот завод за ревизија во конечниот ивештај за работата на Управата за водење на матични книги во текот на 2019 година изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Утврдено е дека има кусок во износ од 901.000 денари врз основа на издадени изводи, а нешто повеќе од еден милион денари кусок во приходите, но и околу 4.000.000 денари штета за буџетот на државата по неколку основи.

Издадени биле за 94.451 повеќе изводи од заведеното во евиденцијата, или како што велат од Заводот, станува збор за кусот на изводи. Конкретна одговорност овластениот државен ревизор за финансиските извештаи на Управата ја лоцира кај раководството застапувано од директорот Бујар Дардишта, без оглед, како што е наведено, дали се работи за измами или пак за грешки. Ревизорот кон него ја лоцира и одговорноста во поглед на усогласеноста на работењето со законските регулативи.

Сомнежот е дали некому изводи му биле издавани бесплатно, или пак станува збор за злоупотреба на службената положба па на некои лица биле издавани изводи со неточни податоци заради различни цели. Или, како што заклучува овластениот ревизор, издадени се повеќе изводи отколку што се заведени во евиденцијата. И тука, ревизорот ја запишал веќе наведената бројка констатирана со попис извршен на 31 декември 2019 година од 94.451 издадени изводи. И кусокот на пари на сметката на Управата и на државнот буџет.

Извор: МКД