Четворица работници се повредени во несреќа што се случи денеска изутрина околу седум часот во фабриката „Макстил“ во Скопје.

Работниците се здобиле со изгореници, откако ливна јама од 100 тони, полна со стопен метал се откачила и паднала, а стопениот метал се разлеал и тоа предизвикало пожар. Повредените работници се пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Надлежните институции за подоцна најавуваат детални информации за несреќата.

Еден од четворицата повредени работници е згрижен на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ и е во стабилна состојба, а другите тројца се пуштени на домашно лекување. Од истекување течен метал во челичаната избувнал пожар, кој е изгаснат, а на терен постапува Државниот трудов инспекторат, информираа надлежните институции.

-Во СВР Скопје во 07:53 часот е пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ се донесени Н.Н.(45), Е.В.(27), С.С.(48), сите од Скопје и Б.М.(35) од скопско, кои се здобиле со повреди на работно место, во „Макстил“. Од четворицата повредени, еден е потешко повреден и е згрижен на КАРИЛ, а другите тројца се пуштени на домашно лекување, информираа за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Во гаснењето на пожарот интервенирале 12 пожарникари од Единицата за противпожарна заштита на град Скопје.

– Во седум часот е примена дојава  од Макстил за истекување течен метал од челичаната. Интервенирано е со четири возила  и 12 пожарникари. Интервенцијата заврши во 8: 40 часот, изјави за МИА  командантот на Единицата за противпожарна заштита на град Скопје Владимир Симоновски.

Од МВР истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.