Сезонски прилагодената стапка на невработеност во ЕУ во јули годинава изнесуваше 5,9 проценти, колку што беше и еден месец претходно, но се намали за 0,2 процентни поени во однос на јули 2022 година, кога изнесуваше 6,1 отсто. Во исто време, јулската стапка на невработеност во Еврозоната беше 6,4 проценти, останувајќи непроменета на месечно ниво, а се намали за 0,3 процентни поени во споредба со јули минатата година, кога изнесуваше  6,7 отсто, соопшти Европската статистичка служба – Евростат.

Според податоците на Евростат, во јули во ЕУ имало 12,928 милиони невработени лица, од кои 10,944 милиони живееле во Еврозоната. Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени во Унијата се зголемил за 35.000, а во Еврозоната за 73.000, додека споредено со јули 2022 цифрата на невработени лица на ниво на ЕУ е намалена за 209.000, а во земјите што го користат еврото како национална валута за 264.000.

Од вкупниот број невработени во ЕУ во јули 2023 година, 2,683 милиони биле помлади од 25 години, од кои 2,206 милиони биле од државите од Еврозоната. Во однос на јуни 2023 во седмиот месец од годинава бројот на невработени млади лица во Унијата е намален за 58.000, додека во Еврозоната е зголемен за 12.000. На годишно ниво бројот на невработени млади во ЕУ е помал за 85.000, а во Еврозоната за 80.000.

Со ова јулската стапка на младинска невработеност во ЕУ изнесувала 13,9 отсто, што претставува намалување во однос на јуни годинава, кога таа беше 14,2 проценти. Во Еврозоната, пак, стапката на невработени млади лица во јули изнесувала 13,8 отсто, останувајќи на исто ниво како и еден месец претходно.

Стапката на невработеност меѓу жените во ЕУ во јули изнесувала 6,2 отсто, останувајќи непроменета во однос на претходниот месец, додека на ниво на Еврозоната таа била 6,8 проценти, што претставува зголемување за 0,1 процентни поени на месечно ниво од јунските 6,7 отсто. Кај мажите во ЕУ, јулската стапка на невработеност изнесувала 5,7 проценти, колку што беше и во јуни годинава, а во Еврозоната таа била 6,2 отсто и бележи раст во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 6,1 проценти.

Како невработени во овие податоци се сметаат оние лица без вработување кои активно барале работа во претходните четири недели и можат да започнат со работен ангажман во рок од најмногу две седмици, согласно дефиницијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), како и плус оние лица кои работат со скратено работно време, но бараат работа со полно работно време, но и оние невработени работоспособни лица кои не бараат работа.