Пет министри од редовите на ДУИ заедно со спикерот Џафери и лидерот на партијата Ахмети завчера беа во посета на фабриката за производство на душеци „Деволи корпорација“ во Ѓаковица на Косово, објавија тамошните медиуми.

Посетата на лидерот, спикерот и 5 министри од македонската Влада на фабрика за душеци во Косово се случува во деновите кога македонската јавност е згрозена од тоа што се случувало на Клиниката за онкологија во Скопје.

Во насловот на видеото објавено на телевизијата „Клан Косова“ се цитира Али Ахмети кој вели: „Деволи корпорација, богатство за земјата“.

Но македонската јавност се прашува во кое својство во саботата отпатувале министрите на македонската влада Артан Груби, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Јетон Шаќири во посета на фабрика за душеци во Косово.

На видеото се гледа дека тие го проверуваат квалитетот на душеците и прават обиколка на фабриката.

„Со целиот тим од С. Македонија, владиниот кабинет, претседателот на Собранието, дојдовме да ја видиме оваа големина, сета оваа голема инвестиција за Косово, каде пет илјади семејства јадат леб од оваа организација. Пет илјади семејства го организираат животот, училиштето, затоа нема поголемо богатство за државата од овие луѓе кои ги ризикуваат своите инвестиции, својот капитал, своите умствени и физички способности, за да му служат на народот“, рече Ахмети.

Како што пренесува ТВ Клан тој рекол дека нивната радост ќе се удвои доколку корпорацијата Деволи ја изгради истата „Комодита“ и во С. Македонија.