По поројните дождови повеќе делови од Грција се поплавени. На Халкидики најмногу проблеми има на Ситонија, каде се поплавени куќи и други објекти, јави дописникот на МИА. Македонски граѓани кои летуваат во Грција досега не побарале помош и не пријавиле штети по вчерашното невреме што го зафати полусотровот Халкидики.

Во Никити на Ситонија поплавени се патиштата што предизвика проблеми во сообраќајот. Реката Агиос Николаос се излеа од коритото.

Евакуирани се гости од неколку хотели додека десетина автомобили се оштетени.

Во делот на Ситонија кај Неос Мармарас нема големи последици од поројните дождови.

Невремето ја погоди и областа Тесалија каде се поплавени 50-на куќи додека неколку патишта се под вода.

Поплавите ја погодија и Лариса. Заменикот градоначалник Василис Лециос изјави дека во областа има голем број оштетени улици и патишта.

Голем дел од плажите на грчкиот остров Евија се под вода, јави грчката државна телевизија.

Во Никити на Халкидики, поради невремето и поплавата еден автомобил заврши во морето, за среќа, без да бидат повредени двајцата патници.

Како што јави МИА од Атина, особено сериозна е ситуацијата во Мандра во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина, каде што во ноември минатата година во поплавите, животот го загубија над 20 лица.  Противпожарната служба интервенираше за да спаси граѓани заглавени во нивните автомобили, но и на нивните тераси.

Стариот автопат Атина-Коринт од вчера е затворен за сообраќај.

Со оглед на тоа дека засега запреа врнежите од дожд, се очекува дека ќе се стабилизира ситуацијата. Нема јавувања ниту за поплавени објекти во кои се сместени туристите. Од македонското Министерство за надворешни работи засега немаат информации за евакуирани туристи и пријавени материјални штети на возилата.

Од туристичките агенции кои ги контактиравме информираат дека не се откажуваат аранжманите и оти немаат јавувања за поголеми поплавувања на вилите и апартманите во кои се сместени туристите освен дека во некои делови на вториот крак немало струја.

Нема пријави ниту за оштетени возила. Од осигурителните компании велат дека се уште е рано за такво нешто бидејќи пријавата се прави со полициски записник од самото место.

На социјалните мрежи туристи кои во моментот се наоѓаат на летување во Грција секојдневно објавуваат снимки со поплавени улици и возила. Најпогодени од вчерашното невреме се Никити и Метаморфози на вториот крак.

Најмногу проблеми има на Ситонија каде се поплавени куќи и други објекти. Во Никити  поплавени се патиштата што предизвика проблеми во сообраќајот. Реката Агиос Николаос е излеана од своето корито. Евакуирани се гости од неколку хотели, а десетина автомобили се оштетени.