Покачување на платата на здравствените работници за 30 проценти, нов колективен договор, бенефициран стаж на вработените во итна медицинска помош, рендген и психијатриските болници, додатокот за инфекција да се зголеми на 4 проценти и итна трансформација на договорите од определено, на неопределено време, бара Независниот синдикат на здравствените работници.

Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствените работници при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Боби Бојчевски, на денешната прес-конференција посочи дека се во контакт со останатите синдикати од здравство за организирање протест и доколку по 20 септември нема одговор на нивните барања, ќе излезат на улица.

– Здравствените работници се донесени на маргините на живеење и едноставно се дискриминирани. Здравството е дојдено на последното скалило на живеење. Затоа ќе повикаме сите заедно, сите сплотено да излеземе да си ги побараме правата за нормален живот во оваа држава. Повторно ќе пратиме известување до Министерството и Владата, ако нема одговор, не останува ништо друго, туку на улица, изјави Бојчевски.

Просечната плата на околу 25 илјади здравствени работници во земјава, истакна Бојчевски е под просечната во државата, посочувајќи дека почетната платата на здравствените работници е 20.700, на докторите е од 32 до 35 илјади, а специјалистите максимум до 45 илјади.

– „Белите мантили“ се со крај на трпение. „Белите мантили“ излегуваат на улица, нагласи Бојчевски.

Полош колективен договор од моменталниот во здравството, според Бојчевски, не постоел. Независниот синдикат има околу 2 500 членови и бараат да бидат присутни на разговорите.

На новинарско прашање дали Синдикатот ги поддржува протестите за Онкологија, Бојчевски рече дека тие како Независен синдикат ги поддржуваат протестите, нагласувајќи дека и тој лично и други биле на протестите.

– Утрешниот протест, исто така, го поддржуваме. Не може еден здравствен профитер, тие 10, 20, 30 луѓе да ги црнат другите 25 илјади вработени во здравствениот систем. Ние го осудуваме случајот, ги поддржуваме протестите и лично ќе бидеме присутни, изјави Бојчевски.