Во следните неколку недели може ќе да се донесе одлуката за избор на нов висок претставник во БиХ, а германската Влада, која го номинираше Кристијан Шмит за оваа функција, е уверена дека тој ќе ја добие довербата од Совет за имплементација, пишува денеска весникот „Независне новине“.

„Првично беше планирано одлуката да биде донесена на почетокот на март, а сега е можно одлуката да се донесена кон крајот на март или следниот месец. Во секој случај, очекуваме Шмит да стапи на должност во јуни, и покрај ова мало задоцнување“, пишува весникот од Бања Лука, повикувајќи се на германски извори.

Шмит, вели изворот, деновиве се обидува да стапи во контакт со највисоките државни службеници, на кои сака да им го претстави својот концепт и планови за работа.

Планот, како што се додава, е Шмит тесно да соработува со Канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ во БиХ и заедно да работат на спроведувањето на реформската агенда за ЕУ, како и на исполнувањето на препораките од мислењето на Европска комисија.

„Можеме да кажеме дека неговата работа ќе биде да ги имплементира условите „пет плус два“ за завршување на мисијата на ОХР. Дали тоа ќе биде работа што ќе трае две, три, пет или повеќе години не е целисходно затоа што непотребно ќе создаде вештачки рок што ќе создаде непотребни очекувања и шпекулации“, навдуваат неименуваните извори за весникот.

Клучната цел ќе биде соработката со САД, ЕУ и земјите-членки на ЕУ, како и другите партнери во Советот за спроведување на мирот.

Весникот наведува дека Шмит нема намера да отфрли ниту една алатка што како Високи претставник ќе му стојат на располагање, но дека намерата е да ги охрабри домашните актери на реформи и конструктивен дијалог без ревидирање на минатото.