Од следната недела ќе стартува иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на граѓански потписи за укинување на Законот за попис, најави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски.

Николоски, при гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, кажа дека правната процедура е веќе започната, а овие денови ќе биде објавен датумот од кога ќе почнат да се собираат потписите за кои рокот е 30 дена. Минималната бројка, како што изјави тој, е 10.000 потписи меѓутоа тој очекува дека бројката на потписи ќе достигне 100.000.

Тој посочи дека земјава одамна е држава на проценти, а не држава на граѓани, како и дека постои политички договор за проценти помеѓу СДСМ и ДУИ, кој сам по себе, како што рече, е штетен, затоа што ќе предизвика нереални бројки и ќе ја однесе државата во погрешен правец.

– Има јасен политички договор за пописот, тој се гледа и е помеѓу СДСМ и ДУИ, за жал во Македонија пописот одамна не е статистичка операција туку е политичка операција, особено по Охридскиот рамковен договор, кога Македонија стана држава на проценти, а не држава на граѓани кои што живеат во тука, изјави Николоски.

Таквиот политички договор, посочи тој, создава нереални бројки и може да ја однесе цела држава во погрешен правец, од економски правец и од аспект на политички прашања каде што реалното или нереално прикажување на одреден процент потоа повлекува етнички права по број на вработувања, распределба на финансии, состојба на одредени општини и еден цел комплекс на проблеми.