Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во денешната изјава на новинарско прашање како ги коментира 8 милијарди евра кои Заев ги најави како инвестиција до 2027 година тој одговори:

– Ќе кажам нешто ексклузивно сега во Охрид, мислам дека ќе е интересно за целокупната јавност. Гледам дека веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое што се обидело да направи рекет од 250 илјади евра, се гонат оние кои што условно кажано го информирале ВМРО-ДПМНЕ за овој криминал. Па видовме како маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на неколку инспектори кои се занимаваат со откривање на криминал и вршат претреси во присуство на нивните сопруги и деца што е недозволиво и потсетува на едни тоталитарни времиња, појасни Николоски.

– Да им помогнам на СДСМ да престанат со овој начин на дејствување и наместо да ги гонат оние кои што наводно ги дале информациите треба да ги гонат тие што довеле да има ваков рекет од 250.000 евра, а не вака срамно да се однесуваат и да гонат луѓе. А ќе им помогнам така што еве ексклузивно ќе кажам денеска тука од Охрид дека информациите до ВМРО ДПМНЕ не стигнаа од вработени во Министерството за внатрешни работи, ниту од инспектори кои гонат организиран криминал и корупција, туку стигнаа од еден високо позициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој што заради законот за заштита на укажувачи односно свиркачи не можам да го споменам со име и презиме. Но, повторувам информациите за криминалот во РЕК Битола и за рекетот во РЕК Битола стигнаа од високо позициониран член на најтесното раководство на СДСМ, посочи тој.

Тој додаде дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ поседува бројна документација за други афери и скандали од коруптивен карактер кои што ќе ги изнесе во јавноста во следниот период кои што исто така се добиени од високо позиционирани лица во самиот врв на СДСМ.