Можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со Алијансата на Албанците и со Алтернатива е на идеолошки и принципиелни основи, а најбитниот елемент е што поврзувањето е преку фондацијата „Конрад Аденауер“, вели поптпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

„Она што е особено значајно е дека ова е еден почеток на една соработка на идеолошки и принципиелни основи. Ние сме конзервативни центар-десни партии и најбитниот елемент тука е што првата соработка или првото јавно претставување на оваа соработка го прави фондацијата „Конард Аденауер“, која е најголемата германска фонадација на владеачката партија ЦДУ на Меркел. Тоа дава дополнителна тежина на целата оваа работа. Она што не врзува во моментот е борбата со организираниот криминал и корупција, затоа што Македонија скапува од корупција. Корупција има и во Гевгелија, поприлично има и во Струмица, има и во Гостивар и во Тетово, има и во Скопје, корупција има и кај Македонци и кај Албанци, Турци, Срби… И тоа што е врзивно ткиво помеѓу нас како политички субјекти е желбата да се избориме против организираниот криминал и корупција и околу тоа разговараме во овој момент. Јас се надевам дека ова ќе прерасне во една плодна соработка. Точно е дека ова е првпат во опозиција на овој начин да соработуваат политички партии и сметам дека правиме едно пионерско дело што ќе го препознаат и Македонците и Албанците и Турците, Ромите, Србите и сите кои што живеат во Македонија“,

рече Николоски во вестите во Сител.

Тој нагласи дека дека под итно треба да се формира влада за национален спас и, како што вели, да се извади Македонија од дното во кое ја втурна Зоран Заев со неговите штетни политики.

„Политиката на Заев доживува фијаско. Кога не размислувате долгорочно, кога водите политика од денес за утре, кога лажете во Македонија и лажете надвор, но во исто време кога го доведувате македонскиот народ и граѓаните на Македонија пред еден невозможен избор – да се одроди и да стане нешто што не е или да не преговара со ЕУ и да не напредува ниту економски, ниту во делот на владеењето на правото, тогаш стигнуваме до резултати какви што сега имаме“, вели Николоски.

Во врска со ситуацијата со ковид-19, тој оцени дека има проблем со тестирањата и дека сиромашните се речиси осудени на смрт.

„Жално е секојдневно да гледаме апели за луѓе од најразлични етникуми како молат за помош за да останат живи, а власта да остане нема на таквите барања. ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори до крај со сите можни легитимни алатки. Оваа власт ќе мора да понесе одговорност за сите лоши мерки, како и за огромните бројки на заболени и починати во земјата“, изјави Николоски.