Делегација на Владата во состав заменик претседателот и министер за транспорт, Александар Николоски, заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е во официјална посета на Република Србија.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски посочи дека Мaкедoнија и Србија оддржуваат доста блиски односи, а со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ тие односи и релации уште повеќе ќе се подобрат затоа што се работи за два пријателски, два братски народи кои што треба да имаат најдобри односи и најдобра соработка.
-Во таа насока зборуваме за политичка и за економска соработка, секако за затоплување на политичките односи и за подобрување за економската соработка, зголемување на трговијата, на трговската размена, отворање на што повеќе работни места и во Македонија и во Србија за компании кои што работат и во Македонија и во Србија. Секако тука е подобрувањето на инфраструктурата, пред се во делот на Коридор 10 и изградбата на брзата пруга. Знаете дека една од главните заложби на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и моја лична како потпретседател на Владата и министер за транспорт е изградба на брза пруга Скопје-Солун која што треба да се надоврзе на брзата пруга која што веќе постои од Солун до Атина и исто така на брзата пруга Белград – Будимпешта – Виена, а се надевам дека во најбзро време Србија ќе ја изгради брзата пруга Белград – Ниш-Скопје и на тој начин Македонија да биде поврзана со возови што се движат со 200 km на час и поврзана со Централна и Западна Европа на брз и квалитетен начин. Во исто време да се развива бизнисот затоа што ќе се отворат две големи пристаништа кои природно гравитираат кон Македонија, а тоа е Солунското и пристаништето Пиреа во Атина, истакна тој.
Имаше средба со претседателката на Собранието Брнабиќ, со министерот за внатрешна и надворешна трговија Момировиќ, исто така со министерот за надворешни работи, со министерката за енергетика и секако со министерот за економија, со министерот за транспорт Весиќ и претседателот на Владата, Вучевиќ со кој што ќе имаат работна вечера на која поподробно ќе ги дискутираат сите овие односи.
-Она што исто така можам да го кажам е дека во следниот период договараме посета на Владата на Србија во Македонија, а за скоро време и очекуваме да се воспостави една соработка на одржување на заедничи седници на македонската и српската влада, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.