„Јас одам во четвртата изборна единица затоа што јас и во моментов сум пратеник во четвртата изборна единица. Имено, 2020-та година исто така бев носител во четвртата изборна единица. Мислам дека е фер кога ќе добиете мандат од луѓето да отидете и после и на реизбор и да ги прашате луѓето што мислат за вас“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Тој посочи дека е чесно да се појави во четвртата изборна единица и да биде носител на таа изборна единица.

„Денес имам најлесен противник, во 2020-та година можеби имав најтежок тогаш беше Зоран Заев. А, сега мислам дека имам најлесен противник од сите шест носители на СДСМ. Затоа што се работи за политички потрошена личност. И навистина се чудам зошто реши да се кандидира. Има една теза која што често ја слушам и сум ја кометирал дека се работи за лидерска битка внатре во СДСМ помеѓу него и носителот на втората изборна единица, Оливер Спасовски. И дека тоа е причината што се кандидира“, нагласи Николоски.

Тој укажа дека Филипче должи многу одговори во јавноста. Должи одговор на јавноста зошто Македонија имаше најголема смртност во корона кризата. Должи и одговор за модуларната болница во Тетово, која што се запали и загинаа 14 луѓе. Должи одговор како стерализацијата во Македонија отиде на приватен партнер истиот кој што го има во Албанија. Должи одговор за тоа дали убедувал една приватна болница во Македонија да се продаде на еден албански бизнисмен итн.

Николоски додаде дека другата страна злоупотребува пациенти за ПР кампања. Носителот на СДСМ во четвртата изборна единица ја злоупотребува својата професија.

Во врска со резултатот од изборите тој истакна:

Не е прашање дали ќе победиме, туку со колку пратеници ќе победиме, ние бараме убедлива победа со цел да имаме влада која ќе ја реформира Македонија и ќе ја чисти од корупција, рече Александар Николоски.

„За да е таква владата мора СДСМ и ДУИ да одат во опозиција. Ни треба убедлив резултат и треба да ни ја дадат нам поддршката. На Македонците им се случува апартхејд од политичка партија која има 12 пратеници и со 10 посто пратеници контролира се. Но, за да го смениме ова мора да се обединиме. Колку е поголема излезноста тоа оди на страна на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Николоски.

Николоски укажа дека ВМРО-ДПММЕ има повисока цел, а за да се реализира треба ДУИ треба да оди во опозиција.

„Со политичките партнери не обидува ставот дека треба ДУИ да оди во опозиција, да има жестока борба против корупцијата, дека не може да има промена на Уставот под бугарски диктат“, изјави Николоски кој додаде дека Бугарија мора да го направи првиот чекор кон Македонија, затоа што Македонија не може да биде уценувана.

Според него програмата на ВМРО–ДПМНЕ има два столба, прво, борба со организиран криминал и корупција затоа што во ваква атмосфера никој не инвестира и отворање на можност домашниот капитал да инвестира, а воедно да има и странски инвестиции.