Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски во вечерашното интервју во емисијата Што не е јасно на ТВ Алфа, ги објасни трите чекори преку кои ВМРО-ДПМНЕ ги уверува граѓаните дека нема да дозволат како најголема политичка партија да се случи асимилација на Македонија и македонските граѓани со францускиот предлог кој што владата на СДСМ, Ковачевски, Османи и Маричиќ се обидуваат да го протнат по секоја цена.

Николоски рече дека првиот чекор е масовност на протестите и ги повика сите граѓани кои што се двоумат да се приклучат на протестите бидејќи како што рече потребна е народна поддршка.

Планот е едноставен и јасен составен од три чекори. Првиот чекор е масовни протести, мора да продолжат протестите и да се масовни. Многу сум благодарен на сите што излегуваат, ги поканувам да продолжат да излегуваат. Сите оние кои што сакаат да излезат а се двоумат дали да излезат дојдат и да ни се приклучат, рече Николоски.

Вториот чекор е брзи предвремени избори, да ја срушиме оваа влада во следните неколку недели со цел да можат да се случат на есен брзи предвремени избори со цел целиот овој договор да не биде прифатен, потенцираше и додаде дека третиот чекор е уставна блокада, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ јасно стои на ставот дека не прифаќа отворање на македонскиот Устав и внесување на Бугарите во него со што францускиот предлог пропаѓа.

И третиот чекор е блокада на уставните измени, односно без ВМРО-ДПМНЕ нема двотретинско мнозинство, не може да се смени уставот, а доколку има предвремени избори ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутно мнозинство и воопшто нема да разговараме за промена на Уставот. Тоа се трите чекори за кои ни треба народна поддршка, посочи потпретседателот Николоски.

Влада која што прифатила ваков понижувачки предлог секако дека треба да падне. Не може да очекува да опстане влада која што директно удира во темелите на државата и пред се во самобитноста на мнозинскиот македонски народ, вели Николоски.

Николоски потенцираше дека францускиот предлог директно ги урива темелите на државата и на македонскиот народ, укажувајќи дека токму поради тоа што владата на СДСМ и ДУИ ја носат државата во национална катастрофа треба да си заминат час поскоро.

– Првостепено е да се спречи овој предлог кој што директно ги урива темелите на државата и на македонскиот народ, а секако ваква влада која што донесе национална катастрофа, во која што одамна корупцијата цвета, а економијата тоне, треба да си замине ден поскоро и час поскоро затоа што еден ден плус останување на оваа влада значи нови национални катастрофи, економско опустошување и нова можност за корупција, дециден е тој.

Николоски истакна дека тој четири години изјавувал дека Македонија со СДСМ и ДУИ нема да започне преговори со Европската унија, бидејќи никој од лидерите на земјите членки на Европската унија не сака да седи на маса со корумпирани политичари, додавајќи дека владата е спремна да потпише документ во кој што практично пишува дека македонскиот народ не е македонски народ, туку е бугарски народ кој што зборува на дијалект на бугарскиот јазик само за да може да прават криминал уште неколку месеци.

– Македонија со оваа корумпирана влада на СДСМ и ДУИ никогаш нема да почне преговори. И Македонија не почнува преговори со ЕУ затоа што на иста маса со корумпирани политичари од ЕУ не сакаат да седат. Очајот за да ја заштитат корупцијата и за да одложат кривична одговорност која што ќе дојде на оваа влада се преточува низ продажба на националните интереси и позиции. И како што пишува во тој бугарски документ владата е спремна на се само за неколку месеци плус да остане на власт. Спремна е да потпише документ во кој што практично пишува да ги поедноставиме работите дека македонскиот народ не е македонски народ, туку е бугарски народ кој што зборува на дијалект на бугарскиот јазик, и на тоа се спремни да го потпишат за само уште неколку месеци да останат на власт за да можат уште некој тендер да направат во РЕК Битола, да дадат лиценца прво за марихуана, а сега за фотоволтаици и да можат членовите на семејството Заеви да се сликаат со ташни „Диор“ од по 4.000, 5.000 евра додека народот не знае како крај со крај да врзе, кажа Николоски.

– Во такви услови ова национално предавство е исклучително големо и е еднакво на криминал, затоа што да се заштити корупција се прави национално предавство. За тоа се одговора, но за жал обвинителството е партизирано и политизирано и е под контрола на власта и нема да покрене постапка. Но, за многу брзо време ќе се ослободи тоа обвинителство и покрене постапка ќе видат многу добро што ни се случува, објасни тој.

Николоски посочи дека се предвидени три чекори за спречување на владата да го прифати овој француски предлог, а тоа е продолжување на протестите и блокадите ширум државата бидејќи како што рече тој протестите даваат резултат.

– Во недела продолжуваме повторно во 19 часот пред влада и ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат. За оние кои што нема да можат да дојдат во Скопје, ќе продолжат блокадите и низ остатокот на државата, нагласи тој.