Помина точно година и пол откако надлежните институции Министерството за здравство и Владата и на дело потврдија дека не преземале апсолутно ништо и не мрднале со прст барем да ја намалат штетата по државниот буџет за најголемата стратешка грешка во здравството, а тоа е прекинувањето на договорот за Клинички центар Мајка Тереза, истакнува Игор Николов, претседател на комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција

Согласно информациите во медиумите, побарувањата за раскинување на договорот за градба на клинички центар се всушност пенали од околу 18 милиони евра или 2 и пол пати повеќе од цената на чинење на Педијатриска болница, како онаа во Козле на пример.

За прекинување на договорот во тек е арбитражна постапка, за која постои некаква информација која треба да оди на седница на Влада, но овој процес е целосно нетранспарентен, а целата процедура е заглавена на релација Министерство за здравство – Влада. Во меѓувреме премиерот и министерот за здравство, не замајуваат со укинување на директори во рамки на кампусот клиники Мајка Тереза.

Нејасно е ако за подготовка на една обична информација до Влада е потребно една година, колку време ќе им е потребно за вистински да се заложат да ја намалат штетата по државниот буџет?

Затоа конкретно прашуваме:

Кој индивидуално и институционално ќе ја преземе одговорноста за ваквото неодговорно однесување со кое свесно се нанесува штета по државниот буџет посебно што станува збор за милионски суми пенали за неградба на клинички центар во Скопје?

Зошто ниту една институција не се заложи да го заштити буџетот на Македонија ниту пак се обидува да ја намали оваа штета?

Во изминативе седум години сведоци сме на разнебитување на јавното здравство. Со ветувањата се одеше до таму што беше најавен мегаломански проект за 500 милиони евра во Веле поле, за денес да видиме нула резултати како од ова, така и од низа други ветувања во здравството.

Со ваквиот пристап, уште еднаш се потврдува фактот дека оваа влада на СДС-ДУИ има пари да плаќа пенали за неградба на еден ваков капитален проект, но нема пари за лекување на пациенти.

Бараме сериозен пристап и транспарентност, наместо молк каков што сега гледаме за оваа постапка, затоа што на крај казната изразена во милионски суми ќе се плаќа од џебот на секој еден граѓанин.

Во меѓувреме, граѓаните не можат да најдат основен лек, не се наоѓа термин за специјалист, листите на чекање за интервенции се огромни, а граѓаните не стигнуваат до здравствена услуга, секојдневно врвен и искусен персонал заминува од јавното здравство.

Позитивната листа не е сменета 11 години, граѓаните одат по лекови во соседните држави, апаратите во здравствените установи не работат, граѓаните молат по социјалните мрежи за да соберат пари да се лечат во странство.

Низата на проблеми, стратешки грешки и слично, е огромна. Токму поради тоа оваа власт мора да замине што поскоро и да почне процес на обновување на здраството како круцијален сегмент во државата.