Вооружените сили на САД и на Израел изработиле планови за повторни напади врз Иран по американските конгресни избори на средината на мандатот, објави весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на високопоставени американски функционери и други извори.

Планирањето се одвива во време кога вооружените сили на двете земји ги интензивираат воените маневри во регионот на кои се увежбуваат бомбардерски мисии. Стејт департментот во меѓувреме му наложил на персоналот во Амбасадата на САД во Саудиска Арабија, чие присуство не е неопходно, како и на членовите на нивните семејства, да ја напуштат земјата поради очекувани нови напади на побунетите јеменски Хути. Активностите се совпаѓаат и со подготовките за изборите во Израел, на кои премиерот Бенјамин Нетанјаху бара нов мандат.

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, неделава тајно се состанал со Нетанјаху во воена база во Израел за да разговараат за новите напади. Меѓу потенцијалните цели на бомбардирањата би биле нуклеарните постројки, енергетската инфраструктура на Иран и складиштата за ракети и беспилотни летала.

Весникот „Фајненшл тајмс“ претходно објави дека Нетанјаху на почетокот на месецот ѝ наредил на израелската војска да подготви кампања за бомбардирање на Иран, но таа не била спроведена поради одбивањето на американскиот претседател Доналд Трамп да ги обнови нападите пред конгресните избори во САД, закажани за 3 ноември. Израелскиот премиер речиси секојдневно ја актуализира можноста за нов бран воени напади врз Исламската Република.

Идејата за потенцијалните напади се заснова врз проценката дека иранската економија е толку ослабена што уште еден бран бомбардирања целосно би ја урнал и би ги принудил лидерите на Исламската Република на отстапки што ги одбивале во текот на осуммесечниот конфликт.

Вашингтон ја застапува таа теза во текот на целата воена кампања, сметајќи дека воениот и економскиот притисок преку санкции на крајот ќе го принуди Техеран да се предаде, иако досега нема показатели за такво нешто.

Наместо тоа, американските и израелските напади во првите месеци од конфликтот, од февруари до април, предизвикаа скок на цените на енергенсите и последователна инфлација низ светот, ја нарушија безбедноста на Блискиот Исток, ги зголемија тензиите меѓу САД и нивните сојузници и драстично ги намалија резервите на противракетни системи на Пентагон.