Во американските сојузни држави и градовите, каде овие денови се шири заразата со коронавирусот, меѓу заразените има се поголем број млада популација, па официјалните претставници повторно повикуваат за примена на превентивните мерки, како носење заштитни маски и одржување физичка дистанца, пишува весникот „Њујорк тајмс“.
Младите луѓе сочинуваат речиси половина од новозаразените во Аризона, а мнозинство во градските центри во Тексас, додека, пак, на Флорида просечната старосна граница на заболените со коронавирус се намали на 35 годишна возраст. Во споредба со март, границата изнесувала 65 години.
Таквата промена претставува причина за загриженост кај градоначалниците, гувернерите на државите и здравствените власти, кои веќе размислуваат за есен, имајќи предвид дека ваквиот развој на настаните би можел да ги наруши плановите за повторно отворање на училиштата и универзитетите, одржување на спортски настани, како и враќање на нормалниот живот и економските активности во целосен капацитет.
Постои опасност инфицираните меѓу младата популација, а посебно оние без симптоми, да ја пренесат заразата на ранливите групи Американци во ситуација кога се бележи огромен пораст на бројот на заразени случаи во јужниот и западниот дел на САД, наведува „Њујорк тајмс“.