Њујорк тајмс објави опширен текст за Пељешки мост, поточно за градителите кои се избрани на тендер, наведувајќи дека мостот преку Јадран, за Кина е мост во Европа.

– Со децении градилиштето во Комарно беше празно. Воени години, чести препукувања и корупција на локалните политичари, ја запреа изградбата на мостот кој ги поврзува двата дела на хрватската територија. Но, со доаѓањето на кинеската компанија, чиј основач е кинеската Влада, се чини дека изградбата на мостот значително ќе се забрза. За поголемиот дел од хрватските граѓани, изградбата на мостот е доволна причина за славење и воопшто не им е битно кој ќе го гради мостот, пишува Њујорк тајмс.

Сепак, некои лица од ЕУ, наведува весникот, не се одушевени со фактот дека кинеска фирма се пробила на пазарот на ЕУ. Тие веруваат дека влезот на кинеската фирма може да и наштети на конкуренцијата, да доведе до намалување на платите и кршење на законот за труд.

Дека причината за загриженост е оправдана покажува и фактот дека оваа фирма тендерот го добила со понуда која е за 100 милиони евра помала од следниот конкурент. Ова е причина, пишува Њујорк тајмс, Европската комисија да испита дали тендерот е спроведен во согласност со европските регулативи.

– Од ЕУ порачаа дека е штета тоа што локалните работници веројатно не ќе имаат шанса да учествуваат во овој проект, бидејќи е познато дека кинеските фирми, главно, носат работници од својата земја. Интересно е дека ни хрватските власти, а ниту кинеската компанија која ја доби работата, не сакаа да дадат податоци за тоа колку ќе бидат платени работниците и дали ќе ги обезбедат условите за работа во согласност со европските закони за труд, се наведува во текстот на Њујорк тајмс.

Понатаму пишува дека во јуни 2017 година ЕУ одлучи да донира 85 отсто од средствата за изградба на мостот, но само шестмесеци подоцна почнаа проблеми. Имено, откако кинеската компанија го доби тендерот, австриската фирма Страбаг се жалеше на регуларноста при изборот на изведувачот. Нивен аргумент беше дека Кинезите дале понуда која, кога ќе се одземат платите на работниците, пониска е дури и од вредноста на проектот. Хрватскиот суд ја одби нивната жалба.

– На крајот се случи тоа од што се плашеа челниците на ЕУ. Кинеската компанија донесе свои работници, што предизвика пребукираност на сместувачките капацитети во околните места, а еден дел од работниците е сместен на крузер, кој е претворен во спална на вода. Сето тоа не ги загрижува хрватските власти кои велат дека мостот не се гради од кредити или други облици на задолжување, и дека тие, без оглед на овој проект, сакаат да ги поттикнат своите врски со Кина. Еден од примерите за нивната соработка е заедничката работа на хрватската и кинеската полиција во Дубровник, поради големиот број на туристи од Кина. Освен тоа, хрватските власти идната година планираат да бидат домаќини на Економскиот форум 16+1 на кој ќе учествуваат 11 земји од ЕУ, пет земји од Балканот и Кина, пишува Њујорк тајмс.