Најдоцна 20 дена од одржувањето на изборите треба да се одржи конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, а седницата ја свикува спикерот на претходниот состав, односно досегашниот Талат Џафери.

Собранието ќе го сочинуваат 120 пратеници, кои ги претставуваат граѓаните и одлучуваат по свое уверување.

Согласно Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието и почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Во членот 63 од Уставот е предвидено, доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на
завршувањето на изборите.

Во Уставот е предвидено претседателот на Република Македонија во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.