Народот остана без леб, ама за Заев е најважна инвестицијата во плантажите на марихуана, сега ќе формира и агенција која ќе ја платат граѓаните, се истакнува во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со последната седница на Владата на која се донесени одлуки за декриминализација и легализација на марихуаната, за што е предвидено и формирање агенција.

– Зоран Заев не прави ништо како премиер освен што ги троши парите на народот. Немаме за вакцини, но имаме за нови и измислени институции, вработувања, возила и трошења. Формирањето на Агенција за канабис ќе значи нов трошок за граѓаните. Од буџетот, од парите на граѓаните, од нивниот џеб ќе се плаќаат нов директор, негов кабинет, секретарка и трошоци за тоа, шофер за истиот и возило, но и десетина или стотина нови вработени. Нема пари за болнички возила, вакцини и друг потребен материјал, ама затоа има за нови институции кои имаат една единствена цел – заштита на бизнисот на Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Фамилијата Заеви, се додава во соопштението, е длабоко замешана во бизнисот со марихуана, а шоферот на Трајче Заев беше фатен и во шверц на истата.

-За шверцот со марихуана пишуваше и Гласот на Америка на македонски јазик, според кој Македонија, особено струмичкиот регион се место од каде се шверцува марихуана во Грција. Македонија станува Колумбија на Балканот, а Заев става рака врз бизнисот со марихуана во целост, и затоа страдаат граѓаните, кои чекаат лекови и инсулин, затоа што мора да има за новите институции на Заев за контрола на марихуаната, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.