Изјавата на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервјуто за „Крити ТВ“ дека на владината седница, по која тој си поднесе оставка, Каменос рекол дека „Сорос ја финансира грчката Влада за да купува странци“ ја користи опозициската Нова демократија во соопштението во кое го повикува грчкиот премиер, Алексис Ципрас, да даде одговори на кого алудира Каменос.
-Господинот Каменос обвини дека Владата е финансирана од Џорџ Сорос. Тоа не го вели Нова демократија, туку веќе јавно господинот Коѕијас. Господинот Ципрас ќе им објасни на граѓаните на кого мисли Каменос, кога вели дека се финансирани или повторно го загуби гласот, како на владината седница?, соопштуваат од Нова демократија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, соопштението на најголемата грчка опозициска партија е пропратено со видео од синоќешното интервју на Коѕијас за критската телевизија, односно делот во кој поранешниот шеф на грчката дипломатија истакнува дека Каменос изјавил дека „Сорос ја финансира грчката Влада за да купува странци“.
На ова, како што рече поранешниот шеф на грчката дипломатија, а како што претходно објави МИА, никој, освен него не одговорил. Ниту некој од министрите, ниту премиерот.