Без исклучок секогаш кога одбраната ќе достави жалба до Врховниот суд на Република Македонија, која процедурално се предава во Основниот суд, судијата кој го водел предметот истиот предмет во Основниот суд веднаш или најдоцна следниот ден откако го добил го препраќа до Апелациониот суд, кој исто така веднаш или најдоцна следниот ден го препраќа до Врховниот суд, кој пак по прибирање мислење за жалбата од обвинителот носи одлука, пишува скопски Курир.

Според порталот, оваа стандардна процедура која не е прекршена повеќе од 50 години, според одбраната, во случајот на Никола Груевски сега веќе е грубо прекршена, од страна на судијката Добрила Кацарска која освен за Груевски во „Тенк“, и „27-ми април“, беше судија кој го водеше предметот за барање поткуп на премиерот Зоран Заев.

Како што дознава Курир од извори блиски до одбраната на Груевски, жалбата ја поднела во среда, 24-ти октомври рано утрото. Од тој ден, адвокатите секој ден проверуваат дали жалбата е проследена кон повисокиот суд.

Одговорот на службите на судот е дека жалбата се уште стои кај судијката Кацарска.

Инаку, тоа е истата судијка која додека течеше судењето во прв степен, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски ги држеше во судница по 12 часа на ден, а судења закажуваше многу често, така што Груевски немаше време ниту за подготовки за следното судење следниот ден. На прашањата зошто толку брзо се води постапката, како во ниеден случај претходно, Кацарска одговараше дека обвинетите заслужуваат судење во разумен рок.

Според одбраната, сега кога треба само да потпише пропратно писмо, за упатување на предметот кон повисок суд, на Кацарска престана да ѝ се брза, пишува Курир.