Директорот на Управата за извршување на санкции (УИС), Александар Пандов, беше во дводневна работна посета на Република Србија, во рамки на која оствари средби со директорот на КПЗ „Забела“, Родољуб Рончевиќ, и директорката на Женскиот затвор, Милијана Обреновиќ.
На состаноците биле разменети искуства и позитивни практики од пенитенцијарниот систем во Србија, како и начинот на кој тамошните установи се справуваат со секојдневните предизвици со кои се соочуваат вработените.
Посебно внимание било посветено на функционирањето на економијата во казнено-поправните установи, како и на работното ангажирање на осудените лица.
Пандов во текот на посетата бил придружуван од шефот на кабинетот, Јован Петров.
Од Управата за извршување на санкции посочуваат дека соработката меѓу Македонија и Србија ќе продолжи и во иднина, со дополнителна размена на искуства и позитивни практики меѓу казнено-поправните установи на двете земји.




