Од денеска на српските патишта можно е возачите да останат без своите автомобили, бидејќи стапи на сила новиот Закон за безбедност во сообраќајот, според кој 18 прекршоци можат да бидат причина надлежните на несовесните учесници во сообраќајот да им го одземат автомобилот, јави дописникот на МИА од Белград.

Со новиот Закон, регулирана е и областа на користење на електричните тротинети, кои досега беа законски „невидливи“, а предвидена е можноста и многу млади возачи да седнат зад воланот на камион.

Како што изјави директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот, Бранко Стаматовиќ, возилата ќе им бидат одземени на оние возачи кои ќе бидат фатени како вршат тешки прекршоци и се утврдува дека во изминатите две години се законски осудени за најмалку два тешки прекршоци.

– Во такви случаи полицискиот службеник ќе може привремено да го одземе возилото со кое е сторен прекршокот на лице место до завршување на постапката пред надлежниот суд, која може да трае и до една година, понекогаш и повеќе, објасни Стаматовиќ. .

Меѓу 18 прекршоци поради кои на возачите би можело да им се одземат возилата се возење под дејство на алкохол со повеќе од 1,2 промили; одбивање на алкотест или тест за дрога; надминување на брзината за повеќе од 80 km/h надвор од населено место; надминување на брзината за повеќе од 70 km/h во населено место; надминување на брзината за повеќе од 60 km/h во училишна зона; надминување на брзината за повеќе од 50 km/h во зоната со бавен сообраќај; превоз на дете до 12 години на возачко седиште; превоз на дете до 12 години на место кое не е наменето за седење (багажник, табла со инструменти, задна полица, надворешни делови на возилото и сл.); поминување на најмалку два црвени семафори за помалку од 10 минути; престигнување колона возила преку полна линија; возење без ниту една положена возачка дозвола; возење ноќе по неосветлен пат без запалени светла на возилото; престигнување на возило што застанува или застанало за да дозволи пешак да помине на пешачки пешачки премин.