Се прават напори, доколку е можно уште денеска да се отвори автопатот Солун – Атина, со оглед на тоа дека работата брзо напреднува и можеби ќе биде отворен и порано од планираното отворање за викендот, рече портпаролот на Противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, говорејќи за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Артопиос објасни дека се вршат финалните контроли и чистење на патот, но и дека првично, веројатно ќе бидат пуштени за сообраќај само по една лента во двата правци.

-Во моментов се прават финалните проверки. Сите екипи деноноќно работеа за да се отвори автопатот. Се очекува тоа да се случи во недела или сабота, меѓутоа сепак напредокот на работата напредува многу повеќе, многу побрзо од очекуваното, рече Артопиос и не ја исклучи можноста отворањето да биде и во текот на денешниот ден.

Поради поплавите, сообраќајот на автопатот Атина – Солун, во делот околу Лариса е во прекин од саботата.