Илјадници шпански новинари јавно изразија поддршка на премиерот на земјата Педро Санчез, кој објави дека ги суспендира своите јавни активности поради истрагата против неговата сопруга Бегоња Гомез за трговија со влијание и корупција.

Санчез, кој в понеделник треба да ја соопшти одлуката за тоа дали ќе остане на функцијата, ги обвини истражителите за неосновани напади под влијание на десничарските и екстремно десничарските политички противници.

Како поддршка на Санчез, неколку илјади новинари потпишаа онлајн-манифест во кој се вели дека „нападот на медиумите и екстремно десничарските функционери во судството против сопругата на премиерот е нов обид да се поткопа со незаконски средства народната волја изразена на изборите“.

„Долупотпишаните новинари го повикуваат граѓанското општество да се приклучи на овој манифест и да се мобилизира на социјалните мрежи и на улиците против ова антидемократско безобразие“, се вели во манифестот.

фото: архива