Повеќе медиуми вечерва објавија дека притворените Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески и други осомничени во случајот на СЈО „Империја“, како и осомничените Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, притворени во случајот „Титаник“ деновиве ќе бидат пуштени на слобода.

Некои медиуми објавија дека, некои од притворените по обвиненија на СЈО, од притворот во Шутка ќе бидат ослободени уште во текот на денешниот ден.

Медиумите се повикуваат на свои извори и очекување ако одлучат надлежните судии во Апелациониот суд Скопје и во Основниот суд Скопје 1, етапно до Нова година да бидат пуштани од притвор Мијалков, Камчев, Панделески и други осомничени во истиот случај, како и поранешниот министер Јанакиески и Божиновски, притворени поради обвинение за случајот „Титаник“.

СЈО, како што тврдат медиумите, вчера попладне предложило ублажување на мерката притвор, во куќен притвор, во мислењето што го испратило до двата суда, но одлуки за тоа сè уште нема.

Некои портали шпекулираат дека Мијалков е единствениот од овие притворени кој поднел жалба до Основниот суд Скопје 1, а дежурен судија има и во текот на ноќта, па можно е тој да биде пуштен и во текот на ноќта. За другите, велат извори од одбраната тоа не може со сигурност да се каже, бидејќи нивните постапки се пред Апелациониот суд Скопје, а таму дежурен судија ноќе нема.

Орце Камчев има жалба на притворот поднесено со гаранција од 14.800.000 евра и пред Основниот суд Скопје 1, и пред Апелациониот суд Скопје.

Според одбраната и извори од СЈО, пуштањето од притвор би требало да почне од денеска и да се одвива до последниот ден од годинава.