Поради обилните врмнежи од дожд водостојот на реките утрово во однос на просекот за јуни е зголемен тројно на реката Вардар кај Јегуновце, кај Велес и кај Демир Капија, како и на реката Пчиња кај Катлановска Бања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Зголемено ниво на водата се бележи и на реката Струмица кај Сушево и Ново Село, на Црна Река кај Новаци, на реката Лепенец, како и на Бабуна кај Богомила. Единствено намалување на нивото на водата има на реката Брегалница кај Берово.

Водостоите на Охридското, Препанското и на Дојранското Езеро според денешните мерења, се во рамки на просекот.

Во текот на изминатото деноноќие најмногу дожд наврна во Прилеп и Пожар – 21 литар на метар квадратен, 15 во Демир Капија, 7 во Берово, 5 во Претор, 4 во Тополчани и Струмица, 3 во Битола, Охрид и Пожаране, 2 во Крива Паланка, Виница и Маврови Анови и еден литар на метар квадратен во Ѓуриште, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

-Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, велат од УХМР.

Во текот на ноќта и изутринава времето е облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб интензитет. Утринава понекаде дува слаб променлив ветер кој е повремено умерен во скопската котлина.

Времето денеска претпладне ќе биде претежно облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува, а во југоисточните делови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.

Во Скопје претпладне облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 23 степени.

Заматена водата за пиење во Кавадарци поради обилните дождови

Заматена е водата за пиење во градскиот вововод во Кавадарци поради обилните дождови на изворите Лукар, информираат од кавадаречкото јавно претпријатие ,,Комуналец”. Оттаму нагласуваат дека водата за пиење, потребно е да се преврива пред консумирање.

– Ние ќе ја следиме состојбата и ќе известиме кога ќе се нормализира состојбата со водата, додаваат од комуналното претпријатие.

Синоќа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев потсетија дека два дена Тиквешијата беше зафатена од обилни врнежи, а најголема количина е регистрирана на мерните станици во селото Раец од 145 литри на метар квадратен, што предизвика излевање на Раечка река и поплавување на голем дел од земјоделските површини во атарот на Раец и селото Дреново.

– Се апелира до населението да не се движи во близина на речното корито во тој предел, бидејќи водостојот на реката е се уште голем и водата од земјоделските површини не е повлечена, известија од кабинетот на Јанчев.