Откако и нареди на полицијата да се оддалечат и да ги попречуваат работите за поставување на водоводниот систем во Синичане, Боговиње, и откако полицијата не го спровела нејзиниот збор, обвинителката Лејла Кадриу телефонски искомуницирала со премиерот Оливер Спасовски кој според Кадриу ги нарекол жителите и обвинителката криминалци, објавува ТВ 21.

„Премиерот не даде никакво образложение зошто ја повлече полицијата, туку ми се обрати дека ние тука сме криминалци. 5 илјади жители кои протестираат тука, во време на пандемија, кога цел свет носи маски, кога мијат раце по 50 пати на ден, премиерот не нарече криминалци, и жителите кои протестираат тука и мене.“, рече Кадриу.

ТВ21: – Вас Ве нарече криминалец?

КАДРИУ: -Да, дека јас како обвинителка сум ги бранела криминалците!

Премиерот Оливер Спасовски ги отфрли тврдењата на обвинителката. За ТВ21 тој тврди дека на телефон му се јавила самата обвинителка а тој и рекол дека нема потреба да се јавува кај премиерот и дека има главен обвинител со кого треба да зборува.
Спасовски вели дека ги поддржува жителите на Синичане за решавање на нивните проблеми, а додава дека ова решение ќе дојде во законски рамки, со потребната документација, проект и дозвола за изградба од страна на Општината. Владата е подготвена да помогне во се што е во интерес на граѓаните, вели Спасовски.