Советот на јавни обвинители не казнува, а изјавата на обвинителката Ленче Ристоска треба да биде пратена во Етичкиот совет во Јавното обвинителство (ЈО) и таму да се произнесат дали има прекршување на етичкиот кодекс. Откако ќе го добиеме мислењето, ќе закажеме посебна седница, на која ќе донесеме конкретна одлука, рече денеска претседателот на Советот на ЈО, Антонио Јолевски.

Тој потенцира дека како Совет не сакаат да бидат во кош со сите останати.

– Паушалното изнесување му штети на угледот на Обвинителството и на обвинителите кои се избираат од овој Совет. Изнесувањето работи дека се вршело влијание врз одредени обвинители, треба да се провери од Етичкиот совет, потенцира Јолевски и додаде дека доколку се изнесува обвинение мора да биде поткрепено со докази.

Ристоска пред неколку дена побара Советот на јавни обвинители да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба.

– Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание, и сметам дека треба да се реформира. Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал, рече Ристоска.

Инаку, Ристоска е дел од тимот на бившото Специјално јавно обвинителство, на чие чело беше сегашната библиотекарка во затворот Идризово, Катица Јанева. Ристоска остана без унапредување, а нејзината колешка Фатиме Фетаи отиде скалило нагоре во јавното обвинителство.