Неговата екселенција господин Зоран Заев, претседател на Владата на Република С. Македонија има чест да ве покани на свеченоста која ќе се одржи на 2 Август 2019 година, гласи официјалната покана за прославата на Илинден.

И екселенција, и господин, и премиер… Во поканата од Владата е испуштено и тоа дека е министер за финансии и претседател на партијата.

Но, еве што велат за расфрлањето со екселенции од Академија за Протокол:

– Титулата Негова/Нејзина Екселенција ја користиме кога им се обраќаме на наши или странски амбасадори и шефови на мисии во мандат, како и кога им се обраќаме на странски шефови на држави и влади и странски министри. Нашите државници можат да станат Екселенции кога до нив се обраќаат странски субјекти (на пример, францускиот премиер би го ословил нашиот премиер со титулата екселенција). Но, протоколарно e погрешно нашите граѓани да им се обраќаат на нашите државници со екселенцијо, а камоли титулата Н.Е. да стои на сопствена покана. Оваа грешка одамна се провлекува по нашите кабинети. Се сеќавам на една конференција за дипломатски протокол кога еден еминентен стручњак рече – правилото е дека за вас не се екселенции тие што сте ги избрале на избори, стои во појаснувањето од Академија за Протокол на Фејсбук.

Натаму во објаснувањето во какви пригоди се користат овие „тешки зборови“ стои:

– Оттаму, правилната форма е Претседателот на Владата на Република С. Македонија, г. Зоран Заев. Комбинацијата на Н.Е. плус Г. е исто така погрешна иако толку се вкорени што се‘ почесто се сретнува. Или сте екселенција или сте господин. Понатаму, при второто негово споменување, нема ни г. а ниту Н.Е. (што рековме дека е погрешно ама барем да имало некаква доследност). Лекторите веројатно ќе забележат и некои други грешки, запирки и слично, се вели во објаснувањето од Академија за Протокол.