Охрид одбројува до дочекот на Новата година. Со полабави мерки во однос на лани охриѓани ќе ја испратат старата а ќе ја дочекаат новата 2022 година. Туристите од соседството од Србија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Албанија но и домашните се најбројни во главниот туристички центар тие уживаат во празничниот амбиент покрај брегот на езерото.

Можеби не како во старите добри времиња кога во градот за новогодишните празници се бараше место повеќе, сепак хотелиерите и угостителите се задоволни од исполнетоста. Цените на празничните аранжмани, варираат зависно од категоризацијата на објеките.

Од СВР Охрид најавија засилени контроли на сите оние места каде ќе има прослави и апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.

Освен во рестораните, кафеаните и пабовите за дочекот на Новата година забава ќе има и на градскиот плоштад каде е предвидена богата музичка програма.

Преполно со гости е и во Крушево.

-Веќе пристигнуваат гостите. Имаме 2.000 до 3.000 гости со ноќевање и барем 2.000, кои еднодневно се најавени и ќе престојуваат во Крушево за новогодишните празници. Во моментов нема снег во градот, уште нешто е на скијачките терени, но нема да ја намали потребата гостите во добро расположение да ги поминат новогодишните празници, вели Сотир Габелоски од локалната самоуправа.

Денеска во центарот на градот се одржа Новогодишен базар. Нема организиран пречек на Новата година на плоштадот, но утре на првиот ден од Новата 2022 година угостителите организираат забава на отворено.

За скијачката сезона Крушево се надеваат дека нов снег ќе ја дополни атмосферата за туристите да поминат безгрижно и да уживаат во убавата природа.