Во Националниот парк „Маврово“ обележан е уште еден рис на кој му е поставен ГПС околувратник за следење на неговото движење.

Тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво (МЕД) заедно со вработени во Националниот парк „Маврово“ го обележаа рисот на 27 февруари и до денес успешно се следи неговото движење. Се работи за млад мажјак стар околу две години и тежок 19 килограми, информираат од МЕД.

– Откако вработени од националниот парк „Маврово“ ни јавија за плен на дива коза, се вративме на местото и рисот беше фатен со специјална замка. Рисот се врати по шест часа, а целата процедура за земање телесни мерки и крв траеше околу еден час, по што рисот беше пуштен на слобода. На овој терен имавме помош и од експерт за рис од Словенија Миха Крофел, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за закрепнување на балканскиот рис во МЕД.

Според тимот од Програмата за закрепнување на балканскиот рис интересно ќе биде доколку овој рис нема воспоставено своја територија. Во тој случај ќе може да се открие кои патишта и коридори ги користат рисовите со цел да го најдат својот дом. Од големо значење ќе биде да се следи рисот во наредните неколку месеци.

Пред помалку од еден месец МЕД и НП „Маврово“ го обележаа со ГПС околувратник досега најтешкиот рис од кога се спроведува оваа постапка во Македонија, а тоа беше рисот тежок 27 килограми кој публиката го крсти Бистри, се наведува во соопштението од МЕД.