Се воведува дигитална студентска картичка, решение кое е  подготвено преку соработка меѓу ЈСП, ФИНКИ и универзитетите, а со заложба на градоначалникот на Град Скопје и раководството на ЈСП, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го пренесува интегрално.

Со воведувањето на дигиталната студентска превозна картичка, барањето на студентите се претвора во конкретно  решение. На овој начин студентите добиваат поедноставен пристап, наместо повторно да носат хартиени потврди.

Ова решение се подготвува преку соработка меѓу ЈСП и ФИНКИ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Мајка Тереза“.

Студентскиот статус ќе се потврдува преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите.

Така, нема да има потреба  студентите да доставуваат хартиени потврди и лично да одат на шалтер за заверка како што беше до сега.

Дигиталната картичка ќе биде достапна преку апликацијата SkopjeBus.

Студентите ќе добијат упатства на својата електронска адреса, ќе се најават со истата адреса што ја користат на универзитетот и ќе можат да ја активираат картичката, а QR-кодот од својот телефон ќе биде за валидација во автобусот.

Оваа реформа е уште еден доказ дека модернизацијата на јавните услуги оди рака под рака со грижата за младите. УМС на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане отворена кон темите што ги засегаат студентите, ќе го следи спроведувањето на промената во пракса и ќе ги пренесува понатаму нивните предлози и забелешки до надлежните институции.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ