По договорот на лидерската средба, пратениците вечерва ќе гласаат за новиот состав на Државната изборна комисија која треба да го спроведе референдумот. ВМРО ДПМНЕ го предлага Оливер Дерковски за претседател, а за член Елизабета Постоловска.

СДСМ ги предлага Борче Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевски. Кандидат за член на ДИК од редовите на ДУИ е Димире Шеху, а БЕСА и Алијансата за Албанците треба да предложат еден заеднички член.

Членовите на комисијата за избори и именувања кои вечерва одржаа седница, ја испратија листата со сите 47 пријавени кандидати за членови на ДИК до претседателот на Собранието. Сега Џафери ќе ја препрати до партиите кои ќе се изјаснат за нивните кандидати. Потоа, Комисијата за избори и именувања ќе ги констатира кандидати, по што ќе бидат избрани на собраниска седница.

Заев, Мицкоски, Ахмети и Касами претпладнево во Клубот на пратениците се договорија со двотретинско мнозинство да се избере Државната изборна комисија, а власта да ги повлече измените на Изборниот закон со кои се предлагаше составот на ДИК да се избере со 61 глас. По барање на ВМРО ДПМНЕ, вечерва во Собранието ќе се гласа и за Законот за финансирање на партиите и за измени во Законот за Влада со формирање на „пржинска влада“ пред секои парламентарани избори.

Власта и опозицијата на лидерската средба не успеаа да се договорат за референдумот. Поради различните ставови околу референдумското прашање овие разговори пропаднаа. Засега не е најавена нова лидерска средба.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски по 7 часовната средба изјави „Наш цврст партиски став е за да биде успешен референдумот, треба да има излезност 50 отсто од вкупниот број гласачи и да гласаат 50 отсто плус еден од излезените. И тука имавме извесно приближување во ставовите. Но, несогласувањата се околу значењето на прашањето, кое по Уставот и законите треба да биде еднозначно и да не ја силува волјата на граѓаните“.

Мицкоски смета дека референдумското прашање треба да содржи само едно прашање, да биде јасно и недвосмислено и да се однесува само на Договорот со Грција.

Премиерот Заев го обвини Мицкоски дека не сакал да ги повика гласачите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат на референдум по сопствено убедување и дека лидерот на опозицијата не успеал да го препознае моментот туку само „лажел дека сака Македонија да стане членка во ЕУ и НАТО“.

Мицкоски одби да се откаже од својата намера со бојкот да ги уништи европските и НАТО перспетивите на граѓаните – рече Заев.

На лидерската средба не се разговарало за датумот за одржување на референдумот, но партиски извори како можен датум го посочуваат 30 септември.